Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, на својата 5-та седница одржана на 25.08.2025 година, донесе Решение за поведување постапка за давање претходна согласност на Програмата за полагање испит за стекнување статус на сметководител и овластен сметководител. Со Решението, Советот му предложи на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија:
- Да изврши доуредување на предлог Програмата во целосна согласност со законските одредби, со вклучување на опис на предметите, прописите и литературата;
- Да подготви анализа на усогласеноста на предлог Програмата со курикулумите на акредитираните високообразовни установи и организации од областа на сметководството;
- Да изготви предлог Прирачник за начинот на спроведување на испитот;
- Да обезбеди докази за кадровска и техничка екипираност;
- Да побара мислење од Институтот на овластени ревизори на Република Северна Македонија за усогласеноста на предлог Програмата, и
- Да изврши измена и дополнување на Статутот со цел уредување на надлежностите на Комисијата за полагање на испитот.
Рокот за спроведување на Решението е 180 дена од денот на неговото примање од страна на Институтот. Советот ќе издаде претходна согласност на Програмата и на останатите акти само по нивно целосно доуредување и усогласување со Законот за вршење на сметководствени работи и со меѓународно прифатените добри практики.
Целта на поведувањето на оваа постапка е да се обезбеди законит, транспарентен и квалитетен процес на полагање на испитите за стекнување на статусот сметководител и овластен сметководител, со што ќе се зајакнат професионалните компетенции и ќе се обезбеди заштита на јавниот интерес во Република Северна Македонија.
Претседател на Советот
м-р Дарко Дачевски
