Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, на својата 8-ма седница одржана на 30.09.2025 година, постапувајќи по претставки поднесени од страна на познати подносители заклучи дека е неопходно да достави Укажување до Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија да ја ревидира неговата Методологија за контрола на квалитетот на работењето на субјектите на контрола на квалитет со бр. 02-545/1 од 23.12.2024 година. Советот забележа дека Методологијата на Институтот се соочува со правни недостатоци од причина што истата им наметнува на субјектите на контрола на квалитетот да воспостават, применуваат и одржуваат внатрешен систем за управување со квалитетот за што субјектите на контролата на квалитетот немаат доволно цврста законска обврска; дека Методологијата на Институтот е донесена врз основа на погрешен регулаторен редослед на актите; и дека Методологијата навлегува во надзорните надлежности на други државни органи и институции, при што, истата повлекува недоволно разјаснети надлежности на Институтот во однос на, со Закон овластените државни органи и институции, да спроведуваат одредби од други Закони и прописи.

Имајќи ги предвид овие забелешки на Методологијата на Институтот, Советот исто така заклучи да му укаже на Институтот дека првите неколку циклуси од контролата на квалитетот треба да бидат советодавни, на ниво на субјект на контрола, без изрекување на дисциплински мерки, при што Институтот треба да се придржува исклучиво до одредбите во член 47 став 1 од Законот за вршење на сметководствени работи (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/22 и 47/25). Понатаму, Советот му укажа на Институтот, при спроведувањето на контролата на квалитетот, строго да се придржува до обврските на субјектите на контролата на квалитетот што произлегуваат од Законот за вршење на сметководствени работи, во делот на усогласеноста на нивното работење со овој Закон и да не навлегува во исполнувањето на нивните обврски што произлегуват од други Закони и прописи.

Во однос на воочените регулаторни ограничувања, на истата седница, Советот заклучи, согласно со неговите надлежности, да достави Мислење до Министерството за финансии на Република Северна Македонија.

Советот верува дека со вака превземените дејствија и активности ќе го обезбеди легитимитетот на контролата на квалитетот и ќе ја зајакне довербата во сметководствената професија во Република Северна Македонија.

Претседател на Советот
м-р Дарко Дачевски