Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, на својата 10-та седница, одржана на 09.10.2025 година, постапуваше по претставки од страна на познати подносители. Со наводите вo претставките, подносителите ја оспоруваат надлежноста на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија да врши надзор над работењето на организаторите на обуките за континуирано професионално усовршување, надвор од неговите јавни овластувања во Законот за вршење на сметководствени работи (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/22 и 47/25). По однос на наводите во претставките, Советот заклучи да му укаже на Институтот дека неговиот Правилник за континуирано професионално усовршување – пречистен текст – со бр. 02-212/3 од 13.06.2025 година ќе мора да претрпи крупни промени или целосно да се повлече и преработи. Советот забележа дека во Правилникот, Институтот си доделил суштинска контрола на обуките за КПУ, затоа што Правилникот експлицитно ја користи фразата “одобрените програми од страна на Институтот”; превидел надзор на обуките за КПУ кој, согласно со Законот за вршење на сметководствени работи не му е дозволен; предвидел неструктуирани часови на обуки за КПУ во организација со други субјекти за што нема законска дефиниција; целосно ги запоставил авторските права на предавачите и/или организаторите на обуките за КПУ; вградил механизми за премостување на одговорноста за стекнатите знаења и вештини од слушателите кон органзаторите на обуките за КПУ, со што и самиот се изземал од таа одговорност. Ова затоа што Институтот и самиот има законско овластување да организира и спроведува обуки за КПУ, а при тоа, процесно, Годишната програма за КПУ за 2025 година, којашто е објавена на веб страната на Институтот, не е конечна туку предлог на неговата Комисија за образование, обука и публикации, а којашто треба да биде усвоена од страна на Собранието на Институтот.

Во смисла на забелешките, Советот му укажа на Институтот, дека единствено Советот е овластен да се изјаснува за квалитетот на обуките за КПУ, имајќи ја предвид надлежноста на Советот во член 5 став 1 точка 5 од Законот за вршење на сметководствени работи и за начинот на кој Советот ќе го остварува ова законско овластување, Институтот дополнително ќе биде известен од страна на Советот.

Во однос на воочените регулаторни ограничувања, од страна на Советот, согласно со неговите законски надлежности, доставено е Мислење до Министерството за финансии на Република Северна Македонија.

Претседател на Советот
м-р Дарко Дачевски