Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, на својата 11-та седница одржана на 21.10.2025 година, постапуваше по претставки од познати подносители во врска со Правилникот за дисциплинска одговорност на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија со број 0202/040-1 од 18.02.2024 година.
Советот заклучи дека Правилникот на Институтот содржи суштествени неусогласености и спротивности со одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/22 и 47/25), кои ја уредуваат дисциплинската постапка, со што се создава ризик од загрозување на законитоста и објективноста на постапката.
Клучните забелешки на Советот се однесуваат на повредата на правото на жалба; немањето конечност на одлуките со кои се изрекуваат дисциплинските мерки; недостатокот на акти со кои се уредува политиката за интегритет и управувањето со судирот на интереси во Институтот; и доделувањето овластување на Претседтелот на Институтот самостојно да одлучува по барањата за изземање во случај на потенцијален судир на интереси во дисциплинската постапка.
Советот му укажа на Институтот да го ревидира неговиот Правилник со цел да се отстранат неусогласеностите и забелешките од Советот. При ревидирањето, Советот активно ќе учествува со давање насоки на Институтот.
По однос на материјалната содржина на поднесените претставки, Советот му укажа на Институтот дека при водењето на дисциплинските постапки, мора да се внимава на член 16 став 7 од Уставот на Република Северна Македонија, според коишто уставни одредби: “Цензурата е забранета”.
Во однос на воочените регулаторни ограничувања, на истата седница, Советот заклучи, согласно со неговите надлежности, да достави Мислење до Министерството за финансии на Република Северна Македонија.
Претседател на Советот
м-р Дарко Дачевски
