Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, на својата 12-та седница одржана на 18.11.2025 година го усвои Извештајот од извршените посети на подружниците на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, подготвен од Претседателот на Советот. Посетите се извршени во периодот од 9-ти до 12-ти Септември 2025 година, со цел запознавање на Претседателот на Советот со членовите на Институтот, Информација за реализацијата на процесот за полагање испит за стекнување статус на сметководител и овластен сметководител, Информација за реализацијата на процесот на контролата на квалитетот и Информација за потребните чекори за реализација на стратешката определба на Институтот за зачленување во Меѓународната федерација на сметководителите (IFAC).
При посетите, од страна на Претседателот на Советот, во Извештајот се забележани следните клучни состојби и предизвици, кои беа соопштени од страна на членовите на Институтот:
- Ниска присутност на членовите во повеќето подружници;
- Дилеми и реакции поврзани со нетранспарентноста при носењето актите на Институтот и законските измени, особено во делот на обврската за континуирано професионално усовршување;
- Загриженост за можни судири на интереси во процесот на контролата на квалитетот, особено кога во контролата се вклучени сопственици на сметководствени фирми;
- Недостаток на јасни методолошки упатства, правила и стандарди за:
- Внатрешни политики во сметководствените фирми;
- Управување со квалитетот;
- Изборот на примерок за контрола;
- Пренос на сметководствена документација меѓу сметководствени фирми; и
- Ослободување од обуки за КПУ;
- Недоволна транспарентност во работењето, вклучително и немање годишен извештај за транспарентност на сметководствените фирми;
- Недостиг од форум на сметководствени фирми за размена на меѓусебни искуства;
- Загриженост за компетентноста на контролите, поради можноста за нивно спроведување од необучени или несертифицирани контролори;
- Реакции за влијание врз пазарот, вклучително и случаи на пренасочување клиенти при инспекциски надзор;
- Потреба од вработување методологист во Институтот за техничка поддршка за членовите на Институтот.
Сите состојби се забележани во Извештајот и ќе бидат земени предвид при унапредување на процесите, со цел подобрување на квалитетот на услугите и зајакнување на довербата во сметководствената професија.
Од страна на Советот до Институтот доставено е Укажување за превземање активности со цел надминување на состојбите кои Претседателот на Советот ги забележа во неговиот Извештај. Истовремено, Советот го достави Извештајот на Претседателот до Министерството за финансии на Република Северна Македонија.
Претседател на Советот
м-р Дарко Дачевски
