Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, на својата 13-та седница одржана на 25.11.2025 година, постапувајќи по претставки поднесени од страна на познати подносители по електронски пат, заклучи дека е неопходно да достави Укажување до Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија да направи ревизија на текстот од постоечкиот Правилник за контрола на квалитетот на работењето на субјектите на контрола на квалитет со бр. 0202-362/1 од 10.10.2024 година со цел тој да се усогласи со правната рамка во Република Северна Македонија, за да се обезбеди легитимитетот на неговата примена. Советот забележа дека постоечкиот Правилник, во неговата сегашна форма и текст се соочува со правни и регулаторни недостатоци кои повлекуваат потреба за негово изменување и дополнување. Во таа смисла, Советот забележа дека:
- Правилникот целосно ја запоставува улогата на Советот во процесот на контролата на квалитетот, што не е во согласност со чл. 5 ст. 1 т. 7 од Законот за вршење на сметководствени работи (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/22 и 47/25). Според овие законски одредби, Советот ја има клучната улога во контролирањето на процесот на контролата на квалитетот, за да се обезбеди довербата во самиот процес на контролата на квалитетот, а Правилникот не содржи одредби кои ја уредуваат контрлната функција на Советот во процесот на контролата на квалитетот иако тоа е законска обврска; и
- Непостоење соодветен правен акт врз основа на кој ќе се оценува квалитетот на субјектите на контролата на квалитетот. Имено, член 23 од Правилникот, покрај останатото, уредува дека квалитетот на субјектите на контролата на квалитетот ќе се утврдува според Методологијата за контрола на квалитетот на работењето на субјектите на контрола на квалитет за контрола на квалитетот на Институтот, со што повторно се потврдува забелешката на Советот дадена во неговото Укажување до Институтот со бр. 03-46/12 од 30.09.2025 година, каде во точка 1 на страна 2 од истото е наведено дека Методологијата за контрола на квалитетот на работењето на субјектите на контрола на квалитет со бр. на Институтот 02-545/1 од 23.12.2024 година се соочува со правни недостатоци од причина што истата наметнува дополнителни обврски за субјектите на контролата на квалитетот кои не се предвидени во Законот за вршење на сметководствени работи. Ова создава ситуација за различна перцепција на Методологијата од страна на Институтот наспроти субјектите на контролата на квалитетот, каде Институтот истата ја смета како контролна алатка при спроведувањето на контролата на квалитетот, а од страна на субјектите на контролата на квалитетот, се очекува истата да ја сметаат како стандард или акт кој им наметнува обврска да воспостават, применуваат и одржуваат внатрешен систем за управување со квалитетот. При ваква состојба на работите, Институтот се обидува да контролира внатрешен систем за управување со квалитетот за кој субјектите на контролата на квалитетот немаат доволно цврста законска обврска да го воспостават, применуваат и одржуваат.
Во смисла на горе наведеното, Советот повторно му укажа на Институтот дека треба прво да ја разгледа можноста за усвојување акти или стандарди со кои субјектите на контролата на квалитетот ќе бидат обврзани да воспостават, применуваат и одржуваат внатрешен систем за управување со квалитетот; да усвои такви акти или стандарди во согласност со најдобрите светски практики за кои е докажано дека го обезбедуваат квалитетот во вршењето на сметководствените работи врз основа на цврст правен и законски основ; да ги едуцира субјектите на контролата на квалитетот за нивна ефикасна и ефективна примена; па дури потоа да пропише Методологија изградена на основа на тие акти или стандарди. При тоа, во Методологијата, Институтот треба да дефинира фактори на ризик за селекција на поединечни субјекти за спроведување теренска контрола на квалитетот, за да се обезбеди објективен и непристрасен пристап кон субјектите на контролата на квалитетот и да се редуцира ризикот на прифатливо ниско ниво од било какви сомнежи за субјективизам или влијание при спроведувањето на теренската контрола на квалитетот.
Во поглед на структурата, Советот смета дека процесот на контролата на квалитетот треба да се подели во две фази и тоа фаза на вонтеренска контрола на квалитетот, која ќе се врши на редовна годишна основа за секој субјект на контролата на квалитетот; и теренска контрола на квалитетот која ќе врши врз основа на селекција при утврдени значајни отстапувања од факторите на ризик т.е. квалитет во вршењето на сметководствените работи, дефинирани во друг правен акт или стандард. Тоа повлекува и потреба од уредување на контролата на квалитетот со два посебни правилници од страна на Институтот и тоа Правилник за теренска контрола на квалитетот и Правилник за вонтеренска контрола на квалитетот.
При постапувањето по ова Укажување, Советот е отворен за соработка и активно ќе учествува во давањето насоки на Институтот, согласно со неговите законски надлежности, со цел да се обезбеди легитимитетот на процесот на контролата на квалитетот, заснована на најдобрите светски практики.
За воочените регулаторни ограничувања, доставено е Мислење до Министерството за финансии на Република Северна Македонија.
Претседател на Советот
м-р Дарко Дачевски
