Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, на својата 15-та седница одржана на 19.12.2025 година усвои Насоки за техничка примена на Меѓународните стандарди за финансиско известување во период на ажурирање на подзаконските акти со кои се уредува формата на финансиското известување. Овие Насоки се усвоени за да се обезбеди доследна и правилна примена на МСФИ објавени со Правилникот за начинот на водење сметководство (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 75/24 и 274/24) во преодниот период додека се врши усогласување на подзаконските акти со кои се пропишува формата на финансиското известување во Република Северна Македонија. Покрај останатото, клучните поенти од Насоките се:

  • Применливост: Насоките се однесуваат на сите субјекти кои применуваат МСФИ. Важно: Овие Насоки не се однесуваат на МСФИ за мали и средни субјекти и не ги заменуваат регулативите, законите или МСФИ;
  • Користење на контниот план: До ажурирање на официјалниот контен план, ефектите од примената на МСФИ треба да се евидентираат на слободно дефинирани конта во рамките на постоечките класи. Обврзниците за водење сметководство треба со посебен акт да објаснат што се евидентира на овие конта;
  • Финансиско известување: Сите ефекти што произлегуваат од новите МСФИ треба соодветно да се прикажат во обелоденувањата кон финансиските извештаи, подготвени согласно МСФИ, како и во белешките кон обрасците за годишните сметки, при што ефектите од МСФИ треба во обрасците кон годишните сметки да се прикажат во ставки што се аналогни на нивната природа, следејќи ги транзиторните одредби на МСФИ или МСФИ 1 Првично усвојување на МСФИ;
  • Превод на нови МСФИ: На Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија му е оставен рок за превод на најновите МСФИ до 30.06.2026 година; и
  • Временска рамка: Овој режим на работа ќе се применува сè до целосно ажурирање на подзаконските акти со кои се пропишуваат обрасците за годишните сметки и официјалниот контен план.

Усвоените Наоски се јавно објавени на веб страната на Советот и се доставени до сите засегнати страни.

Претседател на Советот
м-р Дарко Дачевски