Претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, м-р Дарко Дачевски, во периодот од 10-ти до 15-ти ноември 2025 година, учествуваше на 42-рата сесија на Меѓувладината експертска група за меѓународни стандарди за сметководство и известување и на Предсесискиот настан за градење капацитети, кои се одржаа во просториите на Организацијата на Обединетите Нации во Женева, Швајцарија.

На настаните беше разгледан глобалниот развој во усогласувањето на известувањата за одржливоста, со фокус на конзистентноста на известувањата за одржливоста и практичните предизвици при имплементацијата на глобалните рамки за известувањата за одржливоста. На настаните беше потенцирано дека глобалните меѓународни организации активно развиваат стандарди и алатки за поддршка на земјите ширум светот во оваа сфера, како и дека нивната успешна примена зависи од националните напори за градење капацитети и координирана институционална соработка заради воспоставување национални рамки за известувањата и уверувањата во областите на одржливоста. Во таа насока беше нагласено дека е потребно забрзување на развојот и усвојување национални методолошки упатства за известувањата и уверувањата во областите на одржливоста, со фокус на ISSA 5000 и препораките на IFAC и UN ISAR, како и инвестирање во систематска обука и сертификација на професионалците од јавниот сектор, вклучувајќи ја и соработката со професионалните организации и високообразовните институции за интегрирано и современо образование во сферата на известувањата и уверувањата во областите на одржливоста. На настанот, исто така беше нагласено дека е неопходно воспоставување институционален механизам за користење на алатките и проектите на UNCTAD и UN ISAR со цел да се проценат националните рамки, за да се обезбедат ресурси и да се развијат капацитети за финансиско и нефинансиско известување во сите области на одржливоста.