Loading

Обраќање на Претседателот

д-р Дарко Дачевски - Претседател на СУНСП

Обраќање на д-р Дарко Дачевски - Претседател на СУНСП

Почитувани сметководители и овластени сметководители,

Вие сте темелот на финансиската отчетност и транспарентност на Република Северна Македонија. Вашата работа е многу повеќе од водење деловни книги; таа е обезбедување интегритет во секој деловен потфат и инвестиција. Иако времињата на транзиција и економски кризи оставија свој белег, сега е моментот Вашиот глас да се чуе како јасна порака дека Вашиот углед и достоинство се неприкосновени.

Првиот Закон за вршење на сметководствени работи Ве позиционираше како професионалци, а вториот Закон за вршење на сметководствени работи ја потврди Вашата работа како сметководствена професија. Овие историски моменти јасно Ве етаблираа во општеството како професионалци од доверба за Вашите клиенти.

Како Претседател на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, верувам во Вашиот потенцијал и во клучната улога што ја имате за економскиот развој. Секој извештај што го потпишувате е производ на огромна доверба од бизнисите, граѓаните, државните органи и пошироката јавност. Прифатете ја оваа доверба како најголема чест, бидејќи водењето на сметководството е резултат на стекната доверба што не смее да се изневери.

Постојано инвестирајте во Вашата стручност и професионална компетентност, одржувајте интегритет и објективност, негувајте професионално однесување и доверливост и применувајте ја модерната информатичка технологија (IT). И не ја извршуваjте работата што треба друг да ја изврши. Само така ќе ги постигнете највисоките светски стандарди во давањето сметководствени услуги, што несомнено ќе го обезбеди квалитетот на Вашата работа. Квалитетот ќе создаде притисок врз цената за сметководствените услуги, кревајќи ја нагоре и крајниот ефект ќе биде подобар животен стандард за Вас. Мојата цел е, заедно со Вас, да изградиме професија целосно усогласена со најдобрите светски практики и стандарди.

Бидете горди на својата улога како повереници и чувари на Законите. Со Вашата посветеност, Ви ветувам дека ќе го подигнеме кредибилитетот на сметководствената професија и ќе ја заслужите почитта од општеството и меѓународната заедница што несомнено ја заслужувате.

Да работиме заедно – стојам зад секој еден од Вас, професионалци!

Со почит,

Претседател на Советот
д-р Дарко Дачевски